[ Приказна на стариот овчар ]
Некој си дедо на возраст од 75 години , кој целиот свој живот се занимавал со сточарство , поточно овчарство , добил пензија од државата како подарок , доволно за да преживува.
На доделувањето на пензијата , една новинарка го замолила да и раскаже една случка , на која ќе се сеќава целиот свој живот . Старецот ја започнал својата приказна :
- Имав 20 години и наидов на кутре во шумата . Го земав со себе и си го присвоив . Поминуваа месеци а како тоа раснеше , комшиите ми велеа дека се повеќе заличува на волк и дека треба да се ослободам од него . Бев млад , и не сакав никого да слушам , оти кутрето беше женка и ми беше многу приврзана , каде и да одев ,таа одеше со мене и ме чекаше . И така поминуваа годините .
Еден ден , прилегнав да се одморам , кога низ сон слушнав некаква бука , р'жење , лаење и завивање. Додека дојдов при себе , се се беше завршило и стишило . Излегов надвор и го видов целото стадо овци заклано , а волчицата цела во крв седи и гледа право во мене , малку од страв , малку од бес. Се стрчав во куќата , ја зедов пушката , додека таа ме гледаше право во очи како да претчувствуваше што ке се случи понатаму , но и покрај тоа стоеше покорно пред мене . Го повлеков обарачот и ја отепав , тука на лице место.
Не знаев што да правам со овците па ги викнав комшиите да ги однесат додека месото не с е расипало и дур не почнало да смрди . Како ги собираа овците , меѓу нив најдоа три возрасни заклани волка .
Дури тогаш сфатив што направив................................
07.02.2016
М.Младеновски
"СУРИОТ "
Не помнам точно која година беше,но убаво се сеќавам дека снегот падна многу рано.Дури ни првите мразој не беа фатиле,кога небото се отвори и почна да вее.Во почетокот,најпрвин полека а потоа се повеќе и повеќе.Снегулките наликуваа на рој пеперутки во пролет кои занесени во својата игра не ни забележуваа кога ја додирнуваа земјата за да тука го завршат својот танц.Помнам,единствено дека беше месец Ноември,месец во кој луѓето безмилосно ги колеа свињчињата кои со "љубов" ги товеа цела година.
И така,додека снегот вееше полека,во едно зафрлено село во планината,под ридот до селското школо,во ноќта се назираше куќа на која од далеку едвај се забележуваше светлото на прозорецот,кое сакаше надвор,но,снегот се чини беше и појак и погуст, и не му дозволуваше да излезе ниту едно метро од рамката.
Куќата беше на Пецета.Селанец кој живееше тука со својата слаба и болна женичка Наста.Имаше зевгар волови и два-триесет овци,магаре и загарче.Загарчето го викаа Лиско,оти беше како права лисица,на лик.Со зашилени уши,остро око и прекрасна жолтеникаво-црвена боја на својата бундичка,со бело петно на градите,кое кога го носеа на лов,неколку пати им бегаше на другите загари,бидејки го бркаа постојано веројатно поради неговиот изглед,мислејки дека е лисица.
На масата,седеа замислени,Пеце и неговиот комшија Блажо.Пушеа тутун.Блажо пушеше од луле и пуфкајки испушташе бели повесма чад,кои светлото на газиената ламба ги претвораше во нестварни сенки на зидот.
Пеце,пак,моташе качак во новинска хартија која му ја носеше комшијата му Јордан,кој работеше во малото колонијално дуќанче во соседното село.
Блажо повлече од лулето,испушти малку чад и тивко промрморе :
- И ?!
-Не знам што да ти кажам,-рече Пеце,се почеша по тилот, и продолжи : - Завчера,"суриот" нападнал кај Дојчина.Блиску до трлото.Mу ја однел најкрупната овца.Не знам дали е така,но жена му Софка вели дека дури иако е рано,изгледала како да носи јагне.Суриот ја беше заклал,ја одвлекол во павитот во долчето и тука ја оставил.Голема пакос' му напраил на човекот.
- Нема друго чаре.Ке мора да го чекаме деновиве.Ке нападне пак.Обично напаѓа кога е ваков кијамет,нели ?- Му одговори Блажо,како да сакаше да се утеши самиот. И првпат кога му заколи дури три овци на Дончо,беше студено и суво,но беше темно,ептен беше лошо времето кон крај на денот, а башка, и едно јаре му уби.Или па се појке,кој ке ги знае.Иако никој освен она момчето на Сандета што вели дека бил голем и сур,друг не го видел тој волк.И токму тоа момче,чинам се викаше Ицко
му го беше ставило името на волкот.Суриот,што дури и селаните од околните села го завикаа така.Бидејки сите чуваа по малку добиток,при секое спомнување на неговото име,некој чуден страв се вгнездуваше кај нив.
- Па да почекаме да покрие снегот.Тогаш,и трагот можеме да му го следиме.Еве Лиско е тука и тој ке помогне.Се насмеа Пеце,го погали Лиска по главата а овој кога слушна дека го спомнаа неговото име веднаш итро ја крена главата и го упрчи левото уво,небаре сакаше да каже нешто.
-Моето чифте ја ке го спремам,иако кугли немам,само четворки,замислено прозбори Пеце....
-Твоето чифте и карбинот мој ке го понесеме,утре рано,и право ке појдеме кај чеката.Сега селаните,овците нема да ги пуштаат надвор поради снегот па така ни останува само да чекаме и да се надеваме дека ке се појави.А ке се појави сигурно - Замислено рече Блажо,го истресе лулето во малото отворче на ќумбето,стана го облече тешкото чоено гунче,се поздравија со Пецета и замина во ноќта.
Пеце се врати,стави една пенушка во малото метално ќумбе,легна на дрвеното креветче до жена му Наста и се обиде да заспие.Загарот Лиско,и тој ја стави главата меѓу нозете и од топлината од огнот започна да дреме.
Надвор,повремено се слушаше свирката на ветерот низ сувите вејки,а снегулките ја продолжуваа својата игра во ноќта........
[ Продолжува ]
"СУРИОТ" 2 дел.
Пеце одеше прв.Во раце го носеше фењерот на газија.Светлото кое се ширеше неколку метри лево и десно беше доволно да гледаат кај одат,но снегот сеуште паѓаше со несмалена жестина а Блажо,поткашлуваше и стегајки го карабинот во рацете и покрај силниот ветер и снегот,тетеравејки се обидуваше да го следи.Час лево,час десно пропаднато до градите во снегот,скокаше Лиско,загарчето.
Чеката,колипка од дабови гранки кои ја беа направиле соселаните, во нормални услови беше од селото на десетина минути,сега им изгледаше како да е два часа одалечена,но според дабоите два што беа покрај патот,речиси беа стасани до неа.Кога Ја здогледаа,Пеце застана со фењерот,а Блажо ја отвори вратничката на колипката и влегоа внатре.
- Бреј,кучешко време,нервозно како само за себе,- рече Блажо.
-Па сега ни останува да чекаме,белки проклетијана ке се појави,тивко возврати Пеце местејки ја пушката низ отворот кој гледаше кон височинката од каде очекуваа да се појави тој,Суриот.Внатре имаше и едно ќумбе од тенеќе,ама не можеа да го палат,чадот да не ги издаде.Снегот одненадеж како што започна,исто така толку проретчи што скоро и престана да вее.Оловните облаци од долната страна опточени со бели пруги почнаа да се проретчуваат.На по некое место,како бисерче засветка и по некоја sвездичка. Молчеа.Студот,иако беа обуени во чизми ,под кои носеа волнени гети,почна полека да се вовлекува во нивните нозе.
Чекаа.Иако носеше часовник на синџирче во елекот,Пеце не сакаше да гледа колку е часот оти се надеваше сепак, дека злосторникот ке се појави,а кога ке го отстрелаат тогаш ке види колку време поминале тука со другарот му.Блажо и тој замислен,со откочен карабин гледаше и ослушнуваше,небаре се беше претворил во око и уво.Целиот.времето одминуваше од волкот ниту трага ниту глас.Единствено што утрото полека почна да ја победува ноќта,таму на исток,од кај осоето.Низ честакот,повремено,започнаа да се слушат сојки како крештат со своите препознатливи за ловечко уво гласови.Сојките беа птици,кои понекогаш Пеце и Блажо ги ловеа кога беа деца.Со пченка,под коритце,се играа со нив па ги пуштаа на слобода.
-Не верувам,рече Блажо,-нема да го видиме денеска.Него,дај јас и ти да цврцнеме од тоа ракиичето,пошто нозеве не ги чуствувам веќе.Ми изsемнаа,како да сум бил бос сабајлево.
Пеце го извади од под волнената гуња,шареното торбиче во кое Наста им беше стаила малку чадена сланина,кромитче и пченкарно лепче.И шишенце со сливова препечна ракија.Ја извади тапата од плута,се прекрсти и повлече една вистинска голтка, а потоа му го му го пружи шишенцето на Блажо.Низ неговите вени како некоја невидлива сила да проструи за момент.
Блажо и тој,голтна вистински онака, се протресе и рече :
-Помага,да се згрееме малку па да се вратиме дома.Нема да дојде.Ако престане снегот,предлагам утре сабајле да дојдеме пак.Или,пак да одиме во осоето,оти со Лиско можеме и по трагот,бидува јали не ?
-Бидува,зошто да не бидува,одговори Пеце.Со ножето отсече по едно парче од сланината,му фрли малку и на Лиска,потпивна од ракијата ја зеде пушката,ја закочи и ја префрли преку рамо.Карабинот на Блажо веќе беше закочен и префрлен преку неговото рамо.Излегоа полека од колипката и се упатија кон селото.Од исток,денот веќе ја освои ноќта.Од белината на снегот не се гледаше.Глетката беше толку убава,што изгледаше нестварно,како во бајка.
[продолжува ]
11.12.2014
М.Младеновски
" СУРИОТ " 3 дел.
Конечно дојде и тој ден . Зимата почна полека да попушта , а нападите на суриот биднуваа се поретки . Селаните како да го почуствуваа тоа , па почнаа послободно да се однесуваат . И овците и крупниот добиток почнаа слободно да го тераат по сувите места со зелена трева на пасење . Тивкиот јужен ветер ја навестуваше пролетта . Накај ридот Гоглин , покрај селскиот поток , кој селаните од само нив познати причини го нарекуваа река , иако месец Фебруари , срамежливо се појавија првите кокичиња . На јужните места пак , кои не беа толку осојничави , во сувата трева , срамежливо зиркаше и по некоја каќунка , небаре исчекува некој да дојде да ја набере . А селските дечиња ги береа со колче , и ги јадеа со уживање белите лукчиња како најслатки колачиња .
Понекогаш во Недела , селаните одеа во црква . Впрочем , тоа беше било некое мало црквиче , кое го одржуваше Баба Наста , жената на Пецета , а беше скриено во еден дол недалеку од селото . Пеце одеше прв по пртот кој го беа направиле селаните , кои порано се беа упатиле кон црквичето во долот . По него одеше Наста жена му , а Блажо со карабинот на рамо , одеше последен , оти тој беше решил тој ден да не иде во црква , пуфкајки со лулето и испуштајки големи повесма чад . Се поздрави со нив и скршна кон честакот во кој се криеше нивната колипка - чеката од суви гранки .
Влезе внатре , ја остави пушката и седна на столчето . Погледна низ прозорчето во честакот пред колипката , и здивот му застана .
[ продолжува ]
05.10.2017
М.Младеновски
"С у р и о т" 4ти дел
Прв пат му се причини дека тоа беше Лајко кучето на Дончо , но кога погледна малку подобро , виде дека е волк! Суриот , си помисли секавично , го грабна карабинот и нанишани . Иако беше близу , ја впери пушката во животното , и во моментот кога сакаше да пукне , забележа тенка црвена линија која се влечкаше по волкот . Крвареше . Минатиот ден ловците беа организирале хајка , и најверојатно бил ранет тогаш . Но , си помисли Блажо , обично кога се ранети бегаат во некое дувло и тука чекаат . Излезе од колипката со вперен карабин , волкот го погледна со само на волците својствен поглед , во исто време и див и горд , се затетерави и падна . Го гледаше со чуден поглед како да сакаше нешто да му каже , но , беше доцна . Блажо се почеша по тилот , го запали лулето , и кога се увери дека животното не дава знаци на живот , тргна по тенката црвена линија накај осоето . Што подлабоко навлегуваше во честакот и снегот беше подлабок и потешко одеше . Капките крв го доведоа во близина на селскиот поток , кај старата напуштена воденица , близу карпите . Под една од големите камени блокови , имаше влез низ кој можеше човек да влезе . Го запали фењерот на газија и со откочена пушка влезе внатре . На неколку метри од влезот , лежеше друг застрелан волк , а околу него си играа пет мали волчиња . Тоа беше мажјакот , кој исто така беше искрварил , а волчицата која ја сретна Блажо кај чеката беше мајката . Откако се увери дека нема други волци , Блажо полека излезе од дувлото и се упати накај селото . Му раскажа на Пецета што се случило и со другите селани се вратија и ги уловија малите волчиња кои после роднината на Пецета , Сотир ги однесе во зоолошката градина во Скопје . Чудно беше , што дувлото на волците беше блиску до селото . Но никој жив не се сеќаваше дека ги видел тука . Напаѓаа кога селаните ке ја тераа стоката преку потокот , или длабоко во осоето . Природата ги беше надарила волците со инсинкт за преживување , но и двата волка беа затрелани , а никој да не знаеше за тоа . Велат дека дел од потомцте на суриот , кој уствари беше женка , биле продадени на зоо-градината во Белград и уште живеат таму . Остана само прикаската за Суриот , со кој бабите и дедовците ги плашеа своите внуци , кога беа немирни , или кога им раскажуваа сказни покрај огништето додека тивко пуцкаше огинчето во огништата во старите куќи во селото под селското училиште .
[ Крај ]
05.12.2017
М.Младеновски




No comments:
Post a Comment